За системот

Јавната администрација секојдневно се соочува со предизвикот да обезбеди подобри услуги кон граѓаните и бизнис заедницата, заради остварување на нивните права. Овој предизвик доведува и до потреба за зголемување на ефикасноста и ефективноста во извршувањето на тие услуги. Постоењето на ефикасна јавна администрација, покрај политичката поддршка и законската регулатива, најмногу зависи од професионалноста и компетенциите на службениците. Министерството за информатичко општество и администрација е одговорно за извршување на надлежностите поврзани со стручното усовршување и обука на службениците.

Класичниот модел на организирање на обуки одзема значително време и ресурси, како материјални, така и човечки, особено во организацискиот дел. За разлика од традиционалниот начин на следење на обука, електронскиот начин СУУ/LMS дозволува зголемување на опфатот на слушатели, а без притоа значително да влијае на ресурсите. Воведувањето на ваков систем на обука, каде пристапот е полесен и дозволен во секое време, значи дека обуките ќе станат подостапни за сите службеници вработени во администрацијата, а воедно и можноста за нивна испорака е оптимизирана.

Во однос на традиционалниот начин на обука, можноста за користење на Е – учењето овозможува и намалување и на времето потребно за обука, со самиот факт што учесниците ќе може да ја добијат обуката на нивното работно место. Исто така меѓу предностите е дека корисникот самиот избира кога, каде и со кое темпо ќе напредува во следењето на обуката, т.е. учи. Достапноста во овој систем им овозможува на службениците да ја завршат обуката во било кое време, независно дали се наоѓаат на работното  место, дома или кое било место погодно за учење.

Тенденција на Министерството за информатичко општество и администрација е да се поттикнат службениците стручно да се усовршуваат преку електронските системи, од причини што ваквите системи нудат попрагматичен начин за следење на обуките, како и опфат на поголем број на слушатели.
Следејќи ги современите текови во областа на едукацијата, Министерството за информатичко општество и администрација овозможува учење по електронски пат (E- learning) за службениците. За таа цел активни се два системи: електронски систем за Микроучење и електронскиот систем за стручно усовршување (СУУ/LMS - Learning Management System).

Електронскиот систем СУУ/LMS е софтверска апликација за учење по електронски пат, односно платформа која нуди Е - содржини за обука. Тоа е веб - базиран систем за пристап кон содржината за учење "во секое време, насекаде". СУУ/LMS овозможува регистрација на учесниците за следење на Е - содржина, тестирање, како и издавање на потврда.

Подготовките за имплементацијата на СУУ/LMS од технички аспект, започнаа во 2013 година, а во 2014 година, како пилот проект, беше ставен на располагање само за вработените во Министерството за информатичко општество и администрација.
Заклучно со 2016 година  58 институции, 37 единици на локалната самоуправа и 36 од институциите од јавен сектор се регистрирани во овој систем.

Со оглед на фактот дека постојат околу 160 институции и 81 единица на локалната самоуправа, вклучително и многубројни институции од јавниот сектор, каде вработените имаат статус на административни службеници, регистрацијата на органите во СУУ/LMS се врши во етапи. Воедно постои и обука за одговорните за ИТ од институциите, како би можело соодветно да се спроведат сите потребни активности за користење на овој систем. Исто така подготвени се и Прирачник за ИТ администраторите и Упатство за користење/ навигација во системот - наменет за корисниците/слушателите на обука.

Министерството за информатичко општество и администрација и понатаму прогресивно ќе ги регистрира државните институции во СУУ/LMS.